Дефанзивецот на Арсенал и француски репрезентативец Лорен Кошчелни ќе го пропушти Светското првенство во Русија од 14-ти јуни до 15-ти јули, пишува „Sky Sports“.
Централниот дефанзивец заработи тешка повреда при поразот од 1:0 во полуфиналето на Лигата на Европа против Атлетико во Мадрид. Кошчелни беше заменет во 12-та минута од Чемберс, откако самиот лошо згазна и падна на теренот со силна болка.
Капитенот на „топџиите“ поминал низ медицински прегледи, кои откриле дека постои кинење на Ахиловата тетива, а за санирање на таква повреда се потребни речиси шест месеци. Ова значи дека Кошчелни сигурно нема да учествува на Мундијалот во Русија за својата репрезентација Франција за која има одиграно 51 натпревар и постигнато 1 гол.
Франција го започнува Светското првенство против Австралија на 16-ти јуни.