Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, денеска направија увид на отпочнатите градежни работи за целосна реконструкција на спортската сала „Наум Наумовски-Борче“, која е позната под името „Партизан“.
„Со севкупната обнова го враќаме првичниот сјај и функционалност на оваа спортска сала која е гордост за Карпош и за која се врзани дел од најубавите спомени на голем број скопјани. Токму тука се родија и афирмираа плејада спортисти од различни спортски дисциплини. Како Влада преку Агенцијата за млади и спорт инвестираме 69,5 милиони денари државни средства, за да може „Партизан“ да биде целосно современо и функционално уредено спортско игралиште“ – истакна премиерот Ковачевски.
„Култната сала „Партизан“, заслужува да блесне, да го добие потребното внимание а карпошани и сите скопјани да си ја вратат и својата гордост, но и среќата дека овде ќе се одиграат уште многу натпревари во кои сите ќе уживаме“, нагласи директорот на АМС Наумче Мојсовски.