Кристијано Роналдо одлучил да поднесе тужба против Јувентус поради неисплатени плати, пренесуваат денешното издание на „Газета дело спорт“. Весникот додава дека португалската легенда решила да ја тужи „старата дама“, барајќи да му бидат исплатени 19,9 милиони евра што му ги ветил клубот кога се согласил да ја одложи исплатата на дел од својата плата во првите месеци од пандемијата Ковид 19.
Токму овие плаќања се дел од она што стана озлогласена финансиска шема за раководството на Јувентус, што е предмет на тековната истрага. Откако ги побара релевантните документи од обвинителството во Торино, Роналдо одлучи да преземе правни мерки против клубот и на тој начин да предизвика дополнителни сериозни проблеми на раководството. Пред само неколку дена стана јасно дека уште еден поранешен играч на Јувентус – Леонардо Бонучи исто така ќе го тужи клубот, но тој бара отштета бидејќи клубот не му ги обезбедил задолжителните услови за тренинзи и подготовки.
Паоло Дибала, пак, се откажа од намерата да ја тужи „старата дама“ откако двете страни постигнаа договор за околу трите милиони евра кои се уште му ги должат на фудбалерот.