Куманово на 27 септември ќе биде домаќин на шестото издание на Стопанска Триоги Триатлон Куманово 2026, спортски настан кој ги обединува љубителите на триатлонот од Македонија и регионот. Стартот и целта се предвидени на Градскиот базен во Куманово, а организаторите и годинава очекуваат околу 300 учесници.
Минатогодишното издание собра натпреварувачи од Романија, Словенија, Украина, Бугарија, Србија, Хрватска, Косово и други земји, па се очекува силна меѓународна конкуренција и оваа година.

За сениорите, јуниорите и рекреативците предвидена е главната дистанца од 750 метри пливање, 20 километри велосипедизам и пет километри трчање. Кадетите ќе се натпреваруваат на 375 метри пливање, 10 километри велосипед и 2,5 километри трчање.
Програмата вклучува и категории за деца, со пократки дистанци, а посебно внимание привлекува Mixed Relay, штафета во која тим составен од еден машки и еден женски натпреварувач ја комплетира дистанцата предвидена за категоријата Деца 2.
Настанот има цел дополнително да го популаризира триатлонот и да го промовира активниот и здрав начин на живот, создавајќи можност за спортско дружење и натпреварување на учесници од различни возрасни категории.

