Бразилскиот фудбалер Филипе Кутињо се враќа во составот на Баерн Минхен за саботниот натпревар како гостин кај Волфсбург, во кој шампионите во Бундеслигата ќе се обидат да го подобрат долгогодишниот рекорд.
Пред последниот натпревар од сезоната, избраниците на Ханзи Флик постигнаа 96 голови на 33 натпревари, а највисокиот резултат на тимот беше 101 погодок во сезоната 1971/1972.
„Постојат и други работи кои можеме да ги постигнеме доколку сме фокусирани, како што е да останеме непоразени на сите 17 натпревари во втората половина на сезоната. Целта е да се победи“, рече Флик. Кутињо се враќа во составот по повредата на зглобот, а Флик изјави дека играчот од средниот ред Тиаго може да игра во финалето на германскиот куп против Баер Леверкузен на 4 јули. Флик исто така рече дека нема ништо ново околу иднината на Тиаго Алкантара. Шпанецот се шпекулира дека го напушта Минхен по завршувањето на неговиот договор во 2021 година.
Без оглед на исходот од утрешниот натпревар, Баерн ќе го добие својот осми последователен трофеј во Бундеслигата по мечот против Волфсбург. Сепак, пехарот ќе се додели пред празни трибини, бидејќи во Германија не се дозволени гледачи на натпреварите поради пандемијата на коронавирусот.
По финалето на Купот, Баерн има пауза додека го чека продолжувањето на Лигата на шампионите во август.
„Има уште еден натпревар по сабота, оној против Баер Леверкузен за Купот. Тогаш екипата може да одмори, но играчите нема да бидат целосно слободни. Имаме три недели да се подготвиме за продолжението на Лигата на шампионите”, изјави Флик.