Можеби многумина очекуваа вечерва да го видиме големото збогување за Јирген Клоп од клупата на Ливерпул со финале во Лигата на Европа, но Аталанта или Леверкузен се тимовите кои ќе се борат за да бидат крунисани со трофејот во Лигата на Европа вечерва во главниот град на Ирска.
Баер Леверкузен, штотуку крунисаниот германски шампион кој ја помина сезоната во Бундеслигата без пораз ќе ја има улогата на благ фаворит на вечерашното финале. Клубот од Рурската област може да го освои и Купот на Германија во сабота, но вечерва во мислите го имаат само овој европски трофеј кој треба да ја направи сезоната за момците на Чаби Алонсо праткично незаборавна.
„Она што е важно пред се е менталитетот“, рече Алонсо на прес-конференцијата вчера. „Имаме план за игра, но играчите сè уште ја имаат прекрасната атмосфера од прославата на титулата во сабота и сакаме да го искористиме тоа. Поразот во полуфиналето од минатата сезона е огромна мотивација; Веќе зборувавме за тоа како се чувствуваа работите минатата сезона. Бевме многу блиску до финалето. Го искористивме ова разочарување во наша корист“, вели Шпанецот.
Минатата недела клубот од Бергамо го загуби финалето од Купот на Италија против Јувентус, но обезбеди пласман во Лигата на шампионите следната сезона. Менаџерот Џан Пјеро Гасперини во пресрет на финалето вечерва вели дека бројките и настапите на Баер (Л) изгледаат застрашувачки.
„Знаеме дека играме против силен тим. Нивните бројки и перформанси зборуваат сами за себе. Тие се добро организирани и секогаш наоѓаат решенија. Но, веќе се сретнавме со многу тешки тимови оваа сезона, така што немаме недостиг на самодоверба“.
Италијанскиот менаџер, исто така, имаше многу пофалби за неговиот колега од Леверкузен, Чаби Алонсо, кој беше поврзуван со трансфер во Ливерпул на почетокот од оваа сезона.
За тимот од Бергамо ова ќе биде прво европско финале во клупската историја, па ќе се стремат кон историски триумф. Уште повеќе, ако не се сметаат нивните рекордни шест титули во Серија Б и една во Серија Ц, нивниот единствен трофеј е во Купот на Италија во 1963 година. Од друга страна, Баер веќе триумфираше на овој турнир додека се уште се викаше Куп на УЕФА. Тоа беше во сезоната 1987/88 кога Леверкузен го победи Еспањол на пенали. Германците имаат уште едно европско финале – она во Лигата на шампионите во 2001/02 година, кое сепак заврши со пораз од Реал Мадрид со 1:2.

