Аргентинскиот напаѓач од екипата на ПСЖ, Лионел Меси поради повреда нема да учествува на натпреварот од 14. коло на француската Лига 1 со Лориент, објави официјалниот сајт на парискиот клуб.
На Аргентинецот му беше дијагностицирано воспаление на Ахиловата тетива. Тој ќе остане под надзор на медицинскиот персонал на ПСЖ како мерка на претпазливост. Се најавува дека Лионел Меси ќе продолжи со колективните тренинзи следната недела. Покрај Меси, натпреварот против Лориент ќе го пропуштат и голманот Кејлор Навас, дефанзивецот Кимпембе и играчот од средниот ред Фабијан Руиз.
ПСЖ е на врвот на табелата во Лига 1. Тимот од Париз е единствениот клуб во топ 5 европските лиги кој остана непоразен оваа сезона досега. Лориент е четврти на табелата со осум бода помалку од Пари Сен Жермен.