Хозе Рохо „Пачета“ од денеска повеќе не е тренер на шпански Ваљадолид. По катастрофалниот пораз од Реал Мадрид со 6-0 на „Сантијаго Бернабеу“, клубот денеска реши да се раздели со стратегот кој го врати Ваљадолид во елитата.
„Ваљадолид го цени периодот кој тренерот го помина на кормилото и го врати клубот во Ла Лига. Ова е тешка одлука поради сето она што значи Пачета за нашиот клуб. Во неговите 75 официјални натпревари тој изгради спортски и приврзан однос со Ваљадолид кој ќе остане засекогаш како дел од историјата“, се вели во клупското соопштение. Засега нема официјално назначено негов заменик.
Отказ денеска доби и тренерот на Еспањол, Диего Мартинез. Клубот не го објави името на тренерот кој ќе го наследи, иако сите индикации укажуваат на Луис Гарсија, поранешен играч на Еспањол кој сега го води третолигашот Интер де Мадрид.
Заминувањето на Диего Мартинез, кој пристигна во Еспањол минатото лето и кој имаше уште една година од договорот, се случува кога тимот се изедначи со Алмерија, која го зазема првото од трите места за испаѓање од Ла Лига.