Лионел Меси речиси сигурно ќе го напушти Пари Сен Жермен по крајот на сезоната, тврди „Л‘Екип“. Во авторитативното издание се посочуваат неколку причини за промена на плановите на аргентинската ѕвезда. До неодамна се веруваше дека тој е подготвен да потпише нов договор со парижаните, но сега ситуацијата е поинаква.
Како прво, постојат финансиски несовпаѓања меѓу двете страни. Таткото на Меси и претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Хелаифи, неколку пати зборуваа на оваа тема, но без да постигнат договор. Еден од задолжителните услови за Лео да остане на „Паркот на принцовите“ е да се согласи да ја намали платата, но тој не се согласува на таква опција.
Важен фактор е и желбата на Меси да се врати во Барселона. Последниве денови се појавија индиции дека Каталонците прават напори во оваа насока, иако се уште немаат дадено конкретна понуда до Аргентинецот.
Во текот на викендот, Меси беше исвиркан од некои навивачи на ПСЖ при поразот на домашен терен од Лион (0:1). При заминувањето, напаѓачот не ја поздравил публиката, туку отишол директно во соблекувалната.
Од почетокот на сезоната, 35-годишниот Аргентинец има 24 настапи во Лига 1, постигнувајќи 13 гола и 13 асистенции. Неговиот договор со ПСЖ истекува на лето.

