Лионел Меси игра брилијантно на Светското првенство во 2022 година и во голема мера е заслужен што Аргентина веќе е во финалето.
Генијалната „десетка“ беше одличен и при синоќешната победа од 3:0 над Хрватска во полуфиналето. Меси го отвори резултатот од пенал, а потоа му асистираше на Хулијан Алварез за третиот гол.
Покрај тоа што сам го зазеде првото место меѓу Аргентинците со најмногу голови во светските финалиња (11), Меси има и рекордни 8 асистенции во историјата на Мундијалите. Само уште еден играч – Диего Марадона – има направено толку многу завршни додавања.
Сето ова значи дека Меси е на првото место во неколку различни категории во историјата на Светските првенства: најмногу натпревари (25), најмногу голови + асистенции (19), најмногу асистенции (8), најмногу клучни додавања (72) и најуспешни дриблинзи (126).