Ливерпул и Бенфика вечерва од 21.00 часот ќе го одиграат реванш четвртфиналето во Лигата на шампионите. Конечниот исход од судирот изгледа во голема мера е познат, откако Ливерпул замина со удобна предност од 3:1 на гостувањето во Лисабон минатата недела.
Сепак, резултатот е доста несигурен, што јасно се виде синоќа на натпреварот помеѓу Реал Мадрид и Челзи, па затоа менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп предупреди дека не смее да се дозволи потценување на противникот. Германскиот специјалист нема проблеми со казнети или повредени и ќе смета на оптималниот тим во потрага по втор успех против Бенфика.
Во исто време, португалскиот тим се надева на чудо остварено со добра тактика и среќа. Тренерот Нелсон Верисимо го призна поразот по првиот меч, но во пресрет на реваншот зборуваше посамоуверено.
„Веруваме во нашите способности и не се откажавме. Нашата цел е да постигнеме гол, но и да не дозволиме да примиме први гол“, коментираше Верисимо.
Верисимо нема да може да ги користи повредените Лукас Верисимо, Родриго Пињо и Рафаел Силва.
Веројатни состави:
Ливерпул: Алисон, Александер-Арнолд, Конате, Ван Дајк, Цимикас, Хендерсон, Фабињо, Кеита, Салах, Жота, Дијаз.
Бенфика: Влаходимос, Грималдо, Вертонген, Отаменди, Жилберто, Тарабт, Вајгел, Евертон, Рамос, Гонсалвес, Нуњез.
Стадион: „Енфилд“ – Ливерпул
Судија: Гозубујук (Холандија)