Одбојкарската репрезентација на Македонија денес има уште еден слободен ден кој го користи за подготовка за вториот меч на Европското првенство (ЕП) на кое нашата земја е еден од домаќините. По стартната победа над Данска, следи меч со балканскиот ривал Црна Гора.
За дуелот со Црна Гора зборуваше Александар Љафтов, кој истакна дека овој натпревар е уште поважен од оној првиот, а воедно е и шанса да се оствари сонот, а тоа е пласман меѓу шеснаесетте најдобри во Европа со евентуален триумф.
„Средбата со Црна Гора е уште поважна од првата со Данска и само со ладни глави и смирено, концентрирано, уште помотивирано од првиот меч, може да си ја завршиме работата и да дојдеме до резултатот кој го посакуваме. Со евентуална победа сонот може да ни стане реалност, а тоа е да бидеме меѓу шеснаесетте најдобри репрезентации во Европа“, изјави Љафтов.
Црна Гора го отвори ЕП со максимален пораз од Холандија. Дуелот во СЦ „Борис Трајковски“ се игра утре (сабота) од 20:00 часот.