Тренерот на Реал Мадрид Јулен Лопетеги изјави децидно дека Лука Модриќ ќе остане во тимот и нема да премине во италијанскиот гигант Интер во летниот преоден рок.
Доцна синоќа пак тренерот на Интер Лучијано Спалети призна дека сонува исто како и сите фанови на „нероазурите” за фудбалер како Модриќ. По победата на Реал Мадрид над Јувентус со 3:1, Лопетеги одговори на прашања во врска со евентуалната разделба со хрватскиот фудбалер.
„Модриќ е одличен фудбалер и го очекуваме со отворени раце. Разговарав со него по одличниот настап на Светско првенство и ќе видиме дали ќе може да игра на 15 август за европскиот Суперкуп. Ова е нашиот прв голем предизвик за време на новата сезона “, рече Шпанецот.
„Му реков дека е фудбалер за кој сум луд. Го сакам и тој добро го знае тоа. Ќе бидете задоволни со она што може да му го понудиме овде. Тој ќе ужива да игра фудбал, како што секогаш го прави во Реал Мадрид. Лука е фудбалер на Реал и ќе продолжи да биде таков, јас не се сомневам во тоа”, изјави Лопетеги.