Уругвајскиот напаѓач Луис Суарез и во новата сезона ќе остане во бразилскиот Гремио, изјави тренерот на тимот Ренато Порталупи.
Интерес за Суарез има од Интер Мајами, кој сака да го доведе во својот тим со неговиот поранешен соиграч од Барселона, Лионел Меси.
„Ќе остане со нас до декември“, изјави тренерот, познат и како Ренато Гаучо. Тој оваа изјава ја даде пред првото полуфинале од Купот на Бразил против Фламенго кое неговиот тим го загуби со 2:0.
Иднината на Луис Суарез беше доведена во прашање во последните недели, иако тој има договор со Гремио до декември 2024 година. Интер Мајами неодамна потпиша со Меси и уште двајца играчи од Барселона – Серхио Бускетс и Жорди Алба. Сепак, Гремио е против трансфер на Уругваецот во САД, доколку Интер Мајами не ја плати ослободителната клаузула на напаѓачот, која е во висина од 70 милиони евра.
Луис Суарез е најдобар стрелец на Гремио со 16 гола и 9 асистенции на 32 натпревари, а од неговиот потпис, клубот забележа рекорден профит во своите фан шопови. Во јуни, бразилскиот печат почна да пишува за неговото неодамнешно повлекување од фудбалот поради силни болки во десното колено.
„По неговото доаѓање, тој ја прави разликата. Тој е многу важен за клубот и за нашите поддржувачи“, изјави Ренато.
Гремио, кој се врати во бразилската елита, е втор во лигата – 11 бода зад лидерот Ботафого.