Нашата фудбалска репрезентација се враќа од гостувањето во Рејкјавик со еден освоен бод, но може да жали за пропуштената шанса да ги освои сите три бода од оваа средба која заврши 2:2, а водевме со 2:0 до пред крајот на мечот.
Македонската фудбалска репрезентација добро го започна натпреварот, а почетната иницијатива даде резултат со рано водство на Македонија уште во 12 минута кога по корнерот кој го изведе Алиоски од левата страна, Дарко Велковски со глава ја упати топката кон несигурниот голман на Исланд, Рунарсон кој не успеа да ја прифати топката и таа заврши во неговата мрежа. До крајот на првиот дел Македонија целосно ја контролираше играта и резултатот, создаде неколку шанси, но не успеа да го зголеми водството и на одмор се замина со резултат 1:0 за Македонија.
На стартот на второто полувреме повторно радост за нашите фудбалери, Алиоски доби топка на 40 метри од противничкиот гол, тргна сам и упати удар од 18 метри по земја во долниот лев агол на противничкиот голман кој не успеа да го сопре овој прецизен удар на Алиоски за водство од 2:0 на Македонија.
Нашата репрезентација играше добро и ја контролираше играта се до финишот од натпреварот кога дозволи домашната екипа да намали на 2:1 во 78.минута преку Бјарнасон по лошата интервенција на Димитриевски, а потоа и да израмни преку гудјонсен во 84.минута на 2:2. До крајот на натпреварот Македонија имаше неколку шанси во судиското надополнување да дојде до гол за победа , но среќата ни го сврте грбот и резултатот остана 2:2.
Нашите репрезентативци сега се враќаат во Скопје каде во сред на 8.септември ќе ја пречекаат селекцијата на Романија.