Младата фудбалска репрезентација на Македонија предводена од селекторот Драган Канатларовски денеска треба да одигра уште еден натпревар во квалификациите за Европското првенство (ЕП) за играчи до 21 година кое ќе се игра во 2023 година.
По три одиграни средби, Македонија има еден пораз и две нерешени натпревари, а во овој октомвриски циклус одиграа без победник кај Фарски Острови (1:1). Следниот противник е Ерменија, која нашите фудбалери ја гледаат како добра можност за прв триумф во овие квалификации.
Ерменија не игра во добра форма, но сепак е пред Македонија на табелата,а доколку победиме ќе успееме да го избегнеме последното место во групата во овој момент. Сепак за да се дојде до потребната победа, потребни се голови, а досега тоа беше најголем проблем за нашата репрезентација.
Досега овие две репрезентации имаат одиграно 4 натпревари, Македонија има 2 победи и 2 нерешени, што значи дека немаат пораз од Ерменија и тоа е добро за самодовербата пред оваа средба која се игра денеска од 16 часот.