Екипата на Македонија Ѓорче Петров ги заврши европските настапи уште во 1. коло од Конференциската лига на УЕФА. На реванш натпреварот против РФС Рига, „лавовите“ беа поразени со убедливи 4:1, иако на мечот имаа одлични шанси дуелот да заврши и многу поинаку.
„Лавовите“ не ги искористија своите убави прилики за да го анулираат голот кој го примија во Скопје, но за да биде уште полошо, пред крајот на првиот дел примија гол. Успеаја да се вратат во 50. минута со голот на Кристијан Стојковски за 1:1, но потоа следуваа нови три гола за домашните.
Набрзо по голот за 1:1, Стојковски биеше близу крај голот и не погоди за 1:2, а новиот гол во мрежата на Македонија на крајот се покажа како клучен за поразот и елиминацијата во првото квалификациско коло во Конференциската лига. Куадио ги казни „лавовите“ и погоди за 2:1, а до крајот на мечот во листата на стрелците се запишаа и Паниќ и Зеленковс за 4:1, односно вкупни 5:1 од двомечот.