Македонската фудбалска репрезентација, вечерва (20:45 часот) на Националната арена „Тодор Проески“ ја пречекува Романија во меч од 6. коло во квалификациите за СП 2022. По двете ремија со Ерменија и Исланд, момците на Благоја Милевски вечерва ќе имаат „трета среќа“ за победа.
Во Рејкјавик минатата недела имавме одлична шанса за победа, но и покрај водството од 2:0 на крајот зедовме само бод, што не донесе до четвртото место во квалификациската група „Ј“ со осум бода, еден помалку од вечерашниот противник.
„Ова ќе биде комплетно различен натпревар од оној што го одигравме во Букурешт. Не мислам дека е решавачки. Се надевам дека до самиот крај ќе бидеме во игра за второто место во групата. Играчите се мотивирани и подготвени за предизвикот“, најави Милевски на официјалната прес – конференција.
Главен судија на мечот вечерва ќе биде еден од најдобрите европски судии Антонио Лахоз од Шпанија. Во другите два натпревари од групата, Исланд ја пречекува Германија, додека Ерменија е домаќин на Лихтенштајн.