Македонија и љубителите на одбојката добија одлични вести, а тоа е дека нашата земја ќе биде оганизатор на една до групите на Европското првенство во одбојка за сениори кое е закажано за 2023 година.
Првиот човек на Европската одбојкарска конфедерација Александар Боричиќ гостуваше во нашата земја и ја соопшти добрата вест на состанокот со премиерот Зоран Заев и претставници на Одбојкараската федерација на Македонија.
„Сега кога Владата ја поддржува организацијата на големите европски настани според највисоки стандарди, а тоа се однесува на Европската сребрена лига 2021, на Европското првенство за одбојкарки до 19 години во 2022, како и на една група од сениорското машко Европско првенство во 2023, можам да кажам дека Одбојкарската федерација на Северна Македонија им се доближи на најдобрите организатори на големите одбојкарски настани во Европа“, рече Боричиќ.
Македонската одбојкарска репрезентација игра одлично во изминатите неколку години, а со тоа обезбеди пласман и настап на две Европски првенство, што е доволен показател дека се работи добро за развојот на овој спорт во нашата држава.
„Силно го поздравуваме лидерството на Одбојкарската федерација на Македонија предводена од Петар Јовановски за активното учество во европската конфедерација. Со помош на Владата, тие успеаја да ја направат Федерацијата пофункционална, да го зголемат капацитетот за организирање врвни настани и да овозможат подобри резултати за своите спортисти. Се радувам за ваквата чест добиена од ЦЕВ. Ја изразувам силната поддршка за одбојкарскиот спорт којшто во последните неколку години забележува одлични резултати на меѓународен план. За мене задоволството е уште поголемо затоа што голем дел од одбојкарските репрезентативци се од мојот град Струмица“, рече премиерот Заев.
Македонија ќе биде коорганизатор на континенталниот турнир заедно со Полска, Финска, Чешка и Естонија.