Фудбалската федерација на Италија го одреди Рим како домаќин за натпреварот кој следи во квалификациите за Европското првенство во 2024 година против Македонија.
Нашиот национален тим третпат во историјата ќе гостува кај Италија, а интересно е тоа што повторно тоа ќе биде во нов град и на друг стадион. Досега Македонија нема пораз на италијанско тло, еднаш ремизира, а еднаш им нанесе тежок пораз на „аѕурите“ во баражот за Мундијалот во Катар.
Првпат Македонија гостуваше во Италија во рамките на квалификациите за Светското првенство во Русија, во октомври 2017 година кога во Торино одиграа нерешени 1:1.
Вториот меч се играше на „Ренцо Барбера“ во Палермо, а заврши со триумф на „рисовите“ од 0-1, со историскиот гол на Александар Трајковски.
Сега, за третиот меч во кој Италија ќе биде домаќин на нашата репрезентација е одбран главниот град. Натпреварот ќе се игра на „Олимпико“, на 17 ноември во рамките на претпоследното деветто коло од квалификациите за Европското првенство. Италија ќе ја гледаме во Скопје на 9.септември на Националната арена „Тодор Проески“.