Македонија го совлада Косово со 2:1 и обезбеди пласман во финалето на Лигата на нации – Лига Д, а за пласман на ЕП 2021 година ќе игра со селекцијата на Грузија на гостински терен.

Натпреварот почна добро за нашата репрезентација откако по првата сериозна акција успеавме да дојдеме до предност од 1:0 во 16 минута од мечот.
По уфрлената топка од левата страна кон Пандев, тој не успеа да ја прифати, но дојде до Адеми кој го проигра слободниот Ристовски, а тој веднаш упати удар, а топката го закачи противничкиот играч Кололи и го измами голманот на Косово за да и донесе предност на Македонија од 1:0.
Во продолжение од натпреварот Косово тргна посериозно кон нашиот гол и во 29 минута , навидум неопасна ситуација, нашиот голман Димитриевски излезе на ивицата на шеснаесетникот да интервенира, но тоа го направи многу лошо, а одбиената топка заврши до Хадергонај кој од голема далечина успеа да го префрли истрчаниот Димитриевски.
За среќа на Македонија, многу кратко траше тој израмнет резултат, во 33 минута слободен удар изведе Енис Барди, а надобар во скокот беше Дарко Велковски кој ја смести топката во мрежата на голманот Муриќ за водство на Македонија од 2:1, резултат со кој се отиде на одмор.
Во вториот дел Македонија постигна два гола кои беа оправдано поништени поради офсајд, но вистинска драма имаше во финишот кога најнапред Димитриевски по одбиената топка успеа да спаси израмнување, а во следниот напад Трајковски имаше шанса да го совлада голманот Муриќ, но шутираше во него.

