Македонската фудбалска репрезентација е поразена од Австрија со 3:1 на својот деби-натпревар на Еуро 2020, на мечот кој се одигра во Букурешт.
Австрија очекувано ја имаше доминацијата на стартот на натпреварот и преку Лаинер дојде до предност во 18.минута, но тоа не ги демотивираше нашите репрезентативци кои преку капитенот Пандев израмнија на 1:1 во 28.минута.
По една грешка на одбраната на Австрија и голманот Бахман, Пандев ја искористи целата ситуација и го постигна првиот гол за Македонија на ЕП.
Во второртон полувреме се играше повторно повеќе на нашата половина, а селекторот на Австрија, Фода направи неколку измени со што во игра ги внесе Грегорич и Арнаутовиќ кои впрочем беа директни креатори на победата на Австрија со головите во 78-та и 89-та минута од натпреварот. До крајот на натпреварот Македонија не можеше да направи ништо повеќе за да го промени резултатот.
Нашата селекција сега ја чека втората шанса за добар резултат на ова ЕП на мечот со Украина кој го играме во четврток на 17.јуни во Букурешт од 15 часот.

