Одбојкарската репрезентација на Македонија загуби од Чешка со 0:3 во сетови (19:25, 23:25 и 17:25) и како четврта од групата Ц обезбеди пласман во осминафиналето каде ја очекува дуел со силната Италија.
Одбојкарите настапите на ЕП ги започнаа со две победи над Данска и Чешка со кои обезбедија пласман во осминафиналето, но во следните три меча загубија од Полска, Холандија и вечерва од Чешка која на крајот заврши како третопласирана во групата Ц.
Во првиот сет, Чесите беа подобри уште на стартот поведоа со 2:5 и не им дозволија на нашите одбојкари да се вратат во игра, па го добија првиот сет со 25:19.
Во вториот сет имаше поголема борба, Чешка се одлепи и направи три поени предност (6:9), но Македонија успеа да израмни на 9:9.
Потоа следеше нова мини-серија на Чесите со која дојдоа и до четири поени предност (13:17), но нашите одбојкари не се предадоа и дојдоа до 20:21.
На крајот, Вашина го блокираше смечот на Никола Ѓорѓиев за 23:25 и водство од 0:2 во сетови за Чешка.
И во третиот сет, идентично сценарио како и првите два, Чесите беа во водство, а Македонија го бркаше резултатот. На крајот Чешка славеше со 17:25 за триумф од 3:0 во сетови и освојување на третото место во групата Ц.
Македонија како четвртопласирана во групата Ц која се играше токму во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“, обезбеди пласман во осминафиналето каде ја очекува пресметка со главниот фаворит за златото на Европското првенство, Италија.