Македонската фудбалска репрезентација загуби со 2:1 на пријателскиот натпревар со Саудиска Арабија одигран попладнево во Прага. Избраниците на селекторот Милевски одиграа просечен натпревар во кој тешко успеваа да креираат шанса за гол, беа деконцентрирани во дефанзивните задачи и дозволија противникот да дојде до триумф.
Македонија поведе со фантастичниот гол на Александар Трајковски со ножички во 40. минута, но во финишот на првиот дел најдобриот голгетер на С. Арабија, Ал Бураикан успеа да израмни на 1:1.
Во вториот дел по повеќето замени кои ги направи нашиот селектор, играта доби на динамика, но ние не успеавме да креираме ниту една зрела шанса за гол. По наша грешка и лошо вратена топка, Ал Хамдан во 78. минута го матираше Димитриевски за 2:1.
Милевски денеска им даде шанса на голем дел од повиканите фудбалери и веројатно имаше шанса да се увери во квалитетите и потенцијалот и на оние кои најчесто стартуиваат од клупата за резерви. В недела против Лихтенштајн играме во Скопје нов меч од квалификациите за СП 2026.

