Македонската фудбалска репрезентација го доби Кипар за противник во баражот за опстанок во Лига Б од Лигата на нации. На денешната ждрепка во седиштето на УЕФА во Нион беше одлучено избраниците на селекторот Гоце Седлоски да се соочат со кипарската селекција во двомечот кој ќе го одлучи статусот на двете репрезентации во следното издание на натпреварувањето.
Првиот натпревар ќе се одигра на 25 март 2027 година на Кипар, додека реваншот е закажан за пет дена подоцна, на 30 март, кога Македонија ќе биде домаќин.
Нашата репрезентација ја имаше улогата на носител во ждрепката, што ѝ овозможи реванш натпреварот да го игра пред домашната публика.
БАРАЖ ЗА ОПСТАНОК ВО ЛИГА Б:
Кипар – Македонија
Естонија – Романија
Фарски Острови – Грузија
Белорусија – Израел
Сите двојки ќе се играат во два натпревари, на 25 и 30 март 2027 година. Победниците ќе го задржат своето место во Лига Б за следното издание на Лигата на нациите, додека поразените ќе се преселат во Лига Ц.
Историјата на меѓусебните пресметки на Македонија и Кипар досега бележи два натпревари, одиграни во квалификациите за Европското првенство во 1996 година. Нашата репрезентација има позитивен биланс, со една победа и едно реми.
Првиот дуел се одигра на 17 декември 1994 година во Скопје, кога Македонија славеше убедлива победа од 3:0. Вториот натпревар беше одигран на 11 октомври 1995 година на Кипар и заврши без победник, 1:1. Така, во досегашните два меѓусебни дуела Македонија има една победа и едно реми, со гол-разлика 4:1.
Мартовскиот бараж во 2027 година ќе биде ново поглавје во меѓусебната историја на двете селекции, а влогот ќе биде значително поголем – местото во вториот ранг на европскиот репрезентативен фудбал.

