Продолжува одличниот настап на македонските млади спортисти на меѓународната завршница на Плазма Спортските игри на младите, каде Македонија годинава за првпат учествува.И денеска имаме одлични вести од нашата делегација. Македонија освои уште пет медали, па македонскиот биланс на оваа историска прва меѓународна завршница сега изнесува седум – три сребрени и четири бронзени медали!

Најуспешни денеска беа нашите претставници во пинг-понг и шах.Во пинг-понг, Јован Пармачки од Берово го освои второто место и сребрениот медал во машка конкуренција. Бронза освои Мартин Ристевски од Прилеп, додека во женска конкуренција третото место и припадна на Бојана Јовевска од Пехчево.Уште две сребра стигнаа од шахот. Во женска конкуренција второто место го освои Илијана Велева од Свети Николе, а во машка конкуренција среброто го освои Давид Атанасовски од Гази Баба.Претходно, Македонија веќе освои бронза во атлетиката, преку Наум Насковски, кој беше трет на 60 метри.

Имаме и една навистина интересна македонска приказна од 3×3 кошарката. Во борбата за третото место се сретнаа две македонски екипи – Куманово и Струмица. Тоа значи дека Македонија уште пред натпреварот имаше обезбедено медал, а на крајот бронзата замина кај едниот од нашите претставници.Во фудбалот, пак, Сарај од Скопје го освои четвртото место. Во мечот за бронзата нашата екипа загуби со 7:2 од Младост Криваја од Босна и Херцеговина.
Но, кога ќе се подвлече линијата, седум медали на првото македонско учество на меѓународната завршница се навистина одличен резултат.И ова не е крајот. Во Сплит продолжуваат натпреварувањата, а во следните денови следува и кулминацијата на големото финале, со посебна програма по повод 30 години од Плазма Спортските игри на младите. Ние продолжуваме да ги следиме нашите млади спортисти директно од Сплит.

