Македонската кошаркарска репрезентација вечерва од 18 часот во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје го пречекува Кипар, во второто коло од втората фаза на претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.
Ова е директен дуел за врвот во групата Ф, бидејќи двете селекции имаат по една победа, остварена против Австрија. Македонија беше убедлива на гостински терен со 91:59, додека Кипар славеше со 77:72.
Селекторот Жозеп Марија Берокал ќе може да смета на значајните засилувања Ненад Димитријевиќ и Мозес Рајт, кои се приклучија на репрезентацијата по клупските обврски. Сепак, поради повреди, надвор од конкуренција се Валмир Какруки и Андреј Андоноски, а дополнителен повик доби Дамјан Робев.
Македонија има позитивна историја со Кипар, со две победи во досегашните официјални меѓусебни натпревари. Последната средба во 2003 година заврши со триумф на нашата селекција од 83:65.
Победа вечерва би била голем чекор кон освојување на првото место во групата и обезбедување пласман во следната фаза од квалификацискиот циклус.

