Нашите најдобри фудбалери одиграа нерешено со Велс во второто коло во квалификациите за Мундијалот во 2026 година. Во крајно изедначен меч на Арената во Скопје, вистинска драма се случи во судиското надополнување.
Прво Бојан Миовски искористи голема грешка на гостинските фудбалери и погоди за 1-0 по што следеа серија на напади на Велшани кои успеаја да изедначат со погодокот на Брукс буквално на само неколку секунди пред последниот знак на судијата за крај на мечот.
Во 59-тата минута од натпреварот присутните на Арената во Скопје со аплауз и блицеви од телефоните им оддадоа почит на 59-те починати во трагедијата во Кочани. Овој меч од квалификациите за СП 2026 има и хуманитарна страна, парите од продадените билети ќе бидат наменети за семејствата на настраданите во пожарот во диското – „Пулс“.

