Овој викенд Македонија ќе биде домаќин на најдобрите европски џудисти во јуниорска конкуренција
Македонија и градот Скопје се домаќини на првиот Европски џудо куп кој било кога се оддржал во нашата земја. Натпреварите од Европскиот џудо куп за јуниори и јуниорки – Скопје 2023 ќе се одржуваат во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје ,а пред старртот на овој голем настан на прес-конференција зборуваше и првиот човек на Џудо федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски.
„По неколку месечна напорна работа, подготвени сме за почетокот на Европскиот џудо куп за јуниори и јуниорки, настан кој дефинитивно ја враќа Македонија на европската џудо мапа. Очекуваме повеќе од 230 џудисти од цела Европа кои на македонската публика, но и на вљубениците во џудото од целиот регион ќе им понудат одлични борби. Особено не радува фактот што помеѓу овие натпреварувачи имаме 15 наши репрезентативци кои ќе ги бранат боите на нашата земја“ – изјави Владимир Трпаноски, претседател на џудо федерацијата.
Според предвиденото, прелиминарните борби започнуваат во сабота по 10 часот. Свеченото отворање е предвидено за во 17 часот истиот ден, а по неговото затворање ќе следи финалниот блок кој ќе ги даде имињата на првите шампиони. Борбите продолжуваат и во недела повторно со почеток од 10 часот, а сите натпревари ќе се оддржат во спортската сала „Јане Сандански“.
Во интерес на промоција и популаризација на џудо спортот влезот за сите натпревари кои викендов ќе се оддржат во спортската сала „Јане Сандански“ ќе биде бесплатен. Најдобрите европски џудисти во јуниорска конкуренција ќе останат во главниот град на Македонија и во првите два денови од следната недела, за кога е закажан европскиот џудо камп за јуниори и јуниорки.