Македонската репрезентација во хокеј на мраз следната недела ќе биде дел од неофицијалното Светско првенство за држави без затворени хокеј арени.
Првите натпревари започнуваат на 19-ти ноември, а овој „ИИХФ Девелопмент Купот“ е во организација на Светската хокеј федерација и ќе се одржи во Фусен, Германија, на кој покрај нашата репрезентација ќе учествуваат и Ирска, Португалија и Андора.
Македонија првиот настап го има во понеделник против Ирска. Селекторот на македонската репрезентација Ѓорѓи Грчевски и помошникот Христо Аиновски ќе ја предводат нашата селекција која ја сочинувата следните играчи:
Голмани – Владимир Илиевски и Рок Шарлохар Реџепов
Одбрана – Владимир Атанасов, Кристијан Грчевски, Лука Урбас, Владимир Мангаровски, Андреј Василев
Напад – Стефан Децковски, Дмитриј Прокудин, Јуре Стопар, Кристијан Ташевски, Нејц Турк, Петар Трпески, Бојан Василковски, Самуел Наумовски Викиус.
Нашата репрезентација своите подготовки ги реализира во Јесенице, Словенија, затоа што немаат услови за тренирање во Скопје. Од Словенија ќе се патува за Германија, а овој настап ќе биде прв официјален настап на мраз во организација на Светската хокеј федерација по оној во квалификациите за Светско првенство во инлајн хокеј.