Денеска во Минск започнуваат вторите Европски игри на кои ќе учествува и нашата бројна експедиција. На собирот во Белорусија ќе учествуваат 4.000 спортисти од 50 држави кои ќе се натпреваруваат во 15 спортски дисциплини.
Македонската селекција ќе се претстави во 12 спортови. Таму се боксерите: Гоце Јанески, Егеми Арсим и Јасим Љама, борачите Нуров Магомелгаџи, Владимир Егоров и Фати Вејсели, европскиот шампион во карате Емил Павлов, џудистот Арбреша Реџепи, кајакарот Владимир Малески, стрелачот Борјан Бранковски, велосипедистот Андреј Петровски и Далибор Богданов во боречката вештина самбо.
Според програмата, први во арената ќе се појават нашите боксери. Во категоријата до 60 кг, Јасин Љама ќе боксува со Тадеј Цернога од Словенија. Нашиот знаменосец на отворањето, Гоце Јанески, во категоријата 69 кг, за противник ќе го има Киран Молој од Ирска додека во категоријата до 75 кг Арсим Етеми ќе се сретне со Макс Ван Дер Пас од Холандија. Јанески и Етеми ќе започнат од второто коло бидејќи на стартот се слободни.
Денеска ќе настапат и Реџепи (џудо), која во првото коло ќе се бори против Ксенија Данилович (Белорусија) како и Далибор Богданов (самбо), кој ќе се бори со Кокша Владимир (Белорусија).