Поранешниот капитен на Вердер (Бремен) Макс Крузе повторно е на дневен ред во трансфер плановите на Ајнтрахт (Франкфурт), објави „SportBild“.
31-годишниот напаѓач е слободен агент откако не го обнови договорот со клубот од „Везерстадион”, каде ги помина последните три сезони.
Заминувањето на Лука Јовиќ во Реал Мадрид ги отвора широко вратите за преминувањето на Крузе на „Комерцбанк Арена”. Ајнтрахт веќе го зеде младиот српски напаѓач Дејан Јовелиќ, но тој сигурно нема да биде прв избор во нападот за составот на Адолф Хјутер.
Хјутер ја сака разновидноста што Крузе може да му ја донесе во нападот на тимот, бидејќи поранешниот играч на Вердер Бремен може да игра и како централен напаѓач, но исто така и како лажна деветка и напаѓач по крилните позиции. Во сезоната 2018/2019 поранешниот репрезентативец на Германија беше дел од 20 од вкупно 58 гола кој ги постигна Вердер во Бундеслигата, постигнувајќи 11 гола, а асистираше за уште 9.
Доколку дојде во Ајнтрахт, тогаш ќе мора да му биде дадена плата од 6 милиони евра која ја бара Крузе и со тоа ќе биде најскапо платениот играч во составот на Ајнтрахт. Во моментов најмногу пари за една година добива Анте Ребиќ (4 милиони евра).