Напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо може да го напушти клубот на крајот од оваа сезона како слободен играч, објави „Манчестер Ивнинг Њуз“.
Изворот пренесува дека „црвените ѓаволи“ ќе ја искористат опцијата за продолжување на договорот со португалската ѕвезда само доколку самиот Кристијано сака да остане во тимот. Неговиот актуелен договор е до 30 јуни 2023 година. Многу работи за продолжување на договорот ќе зависат од тоа дали Манчестер Јунајтед наредната сезона ќе игра во Лигата на шампионите.
Исто така, се дознава дека Манчестер Јунајтед планира да потпише нов долгорочен договор со Маркус Рашфорд. Покрај него, англискиот тим ги продолжува договорите со Давид Де Геа, Диого Далот , Фред и Лук Шоу.
Да потсетиме дека Роналдо игра за Манчестер Јунајтед од август 2021 година кога дојде од Јувентус. Порталот Трансфермаркт ја проценува вредноста на 37-годишниот Роналдо на 30 милиони евра.