Манчестер Јунајтед ќе забележи рекордни приходи за последната финансиска година и покрај тоа што тимот минатата сезона не учествуваше во Лигата на шампионите.
Ова стана јасно откако клубот ги објави податоците за третиот квартал од годината. Зголемените приходи од домашните натпревари на Јунајтед и поголемите приходи од реклами му дадоа на клубот причина да ја ревидира својата прогноза за целата година. Новата прогноза е дека Манчестер Јунајтед ќе заврши со приходи меѓу 630 и 640 милиони фунти, што ќе го подобри претходниот рекорд на клубот кој датира од 2019 година. Тогаш приходот бил во износ од 627,1 милиони фунти.
Манчестер Јунајтед се уште е во големи долгови, над 950 милиони фунти, а клубот има и 160 милиони фунти неподмирени трансферни трошоци. 20-кратните шампиони се пофалија дека имаат 146.000 поддржувачи кои чекаат сезонски билети. Клубот инсистира дека ќе биде конкурентен на трансфер пазарот, но добрите финансиски податоци нема да бидат доволни за да се одвои голем буџет за Ерик тен Хаг да го искористи за нови засилувања. Дури и ако сегашните сопственици сакаат да позајмат повеќе пари, има ограничувања наметнати од финансискиот фер-плеј.
Според „Дејли Мејл“, токму поради тоа трансферната сума ќе биде 120 милиони фунти, а на неа ќе бидат додадени и парите добиени од продажбата на играчи од сегашниот состав. Ова нема да се промени дури и ако клубот наскоро има нови сопственици