Манчестер јунајтед вечерва од 21.00 часот ќе го игра реваншот од полуфиналето во Лигата на Европа против Рома на „Олимпико“. Пред една недела, „црвените ѓаволи“ ја совладаа Рома со 6:2 на „Олд Трафорд“ и денес треба само да го завршат започнатото и да го заверат својот пласман во финалето во Гдањск на 26 мај.
Поразот на „Олд Трафорд“ доведе до промена на тренерот во Рома, со тоа што сегашниот португалски тренер Пауло Фонсека беше заменет на крајот на сезоната од сонародникот Жозе Мурињо. Со оглед на резултатот од првиот натпревар, вечерва се очекува англискиот тим да игра послободно и да оствари уште еден убедлив триумф.
За време на викендот, Манчестер Јунајтед беше потресен од проблеми со навивачите кои го нападнаа „Олд Трафорд“ и го спречија одигрувањето на дербито со Ливерпул. Ова неизбежно ги погоди играчите, кои вечерва треба да покажат високо ниво на професионализам.
Куриозитет за мечот е што вечерва менаџерот на Манчестер Јунајтед Оле Гунар Солскјер ќе го надмине бројот на натпревари на чело на „црвените ѓаволи“ на Жозе Мурињо, запишувајќи го неговиот натпревар со број 145.
Норвежанецот вечерва нема да може да смета на Даниел Џејмс, кој е повреден и не заминува за Рим. Тој им се придружи на Ентони Марсијал и Фил Џоунс. Така, составот за натпреварот беше надополнет со младите Амад Диало и Ентони Еланга.
Во исто време, Рома нема што повеќе да загуби и барем може да се обиде да направи голем пресврт сличен на оној од април 2017 година, кога стигнаа до 3:0 против Барселона и со вкупен резултат 4:4 се пласираа во полуфиналето на Лигата на шампионите. Фонсека денес нема да смета на голманот Пау Лопез, на кого му е изместено рамото, и се очекува да му даде шанса на Антонио Миранте. Исто така, надвор од комбинација се Леонардо Спинацола и Жордан Верету. Џанлука Манчини се враќа по одработената казна, а во стартниот составот ќе бидат и поранешните играчи на Јунајтед, Крис Смолинг и Хенрик Мхитаријан.
Веројатни состави:
Рома: Миранте, Ибањес, Смолинг, Манчини, Карсдорп, Кристанте, Диавара, Перез, Пелегрини, Мхитаријан, Џеко.
Манчестер Јунајтед: Де Геа, Ван Бисака, Баји, Мегваер, Телес, Фред, МекТоминеј, Рашфорд, Фернандеш, Погба, Кавани.