Англискиот шампион Манчестер Сити добил понуда вредна 35 милиони евра од саудиски Ал-Ахли за Ријад Марез, пренесува „Атлетик“. Освојувачот на трофејот во Лигата на шампионите најверојатно ќе ја прифати понудата.
Според информациите, Марез веќе ги договорил личните услови со својот иден клуб и трансферот е прашање на часови. Тој ќе ги помине медицинските прегледи оваа недела, по што ќе потпише на четири години за плата од 29 милиони евра по сезона. 32-годишниот фудбалер за Манчестер Сити има 236 настапи, 78 гола и 59 асистенции. Тој забележа 47 настапи во сите натпреварувања во последната година во која Манчестер Сити ја освои тројната круна.
Изданието додава дека „граѓаните“ ќе привлечат нов фудбалер кој ќе го замени Алжирецот. Ал-Ахли неодамна потпиша со напаѓачот Роберто Фирмино од Ливерпул и голманот Едуард Менди од Челзи. Трикратниот шампион оваа пролет влезе во Саудиската професионална лига, откако ја освои титулата во Првата дивизија.

