Напаѓачот на Ајнтрахт Франкфурт, Андре Силва, кариерата може да ја продолжи во Англија. Манчестер Сити е заинтересиран за услугите на 25-годишниот Португалец, информираше „Билд“.
Според изворот, „граѓаните“ гледаат во Андре Силва како потенцијална замена за Серхио Агуеро, кој го напушти клубот на крајот на сезоната 2020/2021. Андре Силва е интересен и за Атлетико Мадрид.
Во сезоната што заврши, Андре Силва одигра 34 натпревари за Ајнтрахт Франкфурт, постигна 29 гола и даде 10 асистенции. Интернет порталот Трансфермаркт ја проценува вредноста на играчот на 45 милиони евра.Претходно, интерес за него покажа и Манчестер Јунајтед.
Силва ја започна својата кариера во Порто пред да биде купен од Милан во 2017 година. Сумата за трансфер беше 38 милиони евра. Од италијанскиот тим, тој замина на позајмица во Севиља, а во 2019 година се пресели во Ајнтрахт Франкфурт. Минатата година клубот од Франкфурт го купи неговиот договор.

