Реванш натпреварот од 1/8 финалето на Лигата на шампионите помеѓу Манчестер Сити и Реал Мадрид, закажан за 7 август, ќе се одигра во Англија и покрај карантинските мерки што ги воведоа британските власти, пренесува „Гардијан“. Средбата ќе се одржи во Манчестер на стадионот „Етихад“.
Од вчера, во Велика Британија е на сила 14 дневен карантин за оние кои влегуваат во земјата од Шпанија, каде е забележано ново избувнување на коронавирусот. Поради ова одигрувањето на натпреварот Манчестер Сити – Реал Мадрид беше во опасност.
Сепак властите во Велика Британија потврдија дека средбата Манчестер Сити – Реал Мадрид е предмет на исклучок за спортски клубови. Да потсетиме дека во првиот натпревар, што се одигра на 26 февруари во Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“, англискиот клуб победи со 2:1.