Екипата на Манчестер Сити, која пред само неколку дена освои историска тројна круна, започнува уште една одбрана на титулата во Премиер лигата со гостувањето кај шампионот од Чемпионшип Барнли, чиј менаџер е поранешниот капитен на „граѓаните“ Винсент Компани. Тимот на Пеп Гвардиола има за цел да стане првиот тим кој ја освоил титулата во Премиер лигата во четири последователни сезони.
Големиот конкурент на „граѓаните“ за првото место минатата сезона – Арсенал, новиот обид за напад на врвот на англиската елита ќе го започне со гостување кај Нотингем Форест. Манчестер Јунајтед, исто така, има за цел да се врати во трката за титулата откако обновениот тим на Ерик тен Хаг ја прекина шестгодишната пауза за трофеи со освојувањето на Карабао купот претходната сезона. Клубот најверојатно наскоро ќе има нови сопственици, па навивачите на „црвените ѓаволи“ со големи надежи ја очекуваат сезоната која ќе започне со меч на „Олд Трафорд“ против Вулверхемптон.
Њукасл се проби во топ 4 и ќе игра во Лигата на шампионите. Достигнувањето е огромно, но сопствениците и менаџерот Еди Хау се стремат уште повисоко. Во својот прв натпревар од новата сезона на „Сент Џејмс Парк“ ќе и гостува Астон Вила, која заврши на седмото место и ќе игра во Конференциската лига.
Ливерпул, од друга страна, има разочарувачка сезона и нема да игра во Лигата на шампионите за прв пат по седум години откако заврши на петтото место. Јирген Клоп, сепак, веќе изрази уверување дека во следната сезона тимот ќе се врати во битката за титулата. Ливерпул ќе стартуваат многу мотивирани, почнувајќи против Челзи, кој буквално пропадна во 2022/23 година откако заврши на 12-тото место на табелата и покрај тоа што новите сопственици потрошија 600 милиони фунти за селекција. Лошите резултати доведоа до неколку тренерски промени, но на крајот управата му изгласа доверба на Маурицио Покетино, кој треба да го врати Челзи во битката за првите места. Средбата меѓу „сините од Лондон“ и Ливерпул од првото коло е на „Стемфорд Бриџ“.

Сезоната започнува на 12 август 2023 и завршува на 19 мај 2024 година. Програмата се враќа на нормални параметри за прв пат по долго време, бидејќи поради пандемијата имаше поместување на терминот за старт, а пото минатата сезона започна една недела порано поради Светското првенство во Катар. Дополнително, се враќа паузата за полусезона, која ќе биде помеѓу 13 и 20 јануари 2024 година. Лигата се обврза во напорниот божиќен и новогодишен распоред дека нема да има две кола со разлика помала од 48 часа меѓу нив.
Клучни датуми:
12 август – почеток на сезоната во Премиер лигата
13-20 јануари – зимска пауза
25 февруари – Финале на Купот Карабао
19 мај – Завршување на сезоната во Премиер лигата
25 мај – Финале на ФА Купот
1 јуни – финале во Лигата на шампионите