Од Марио Манџукиќ се очекува да биде страв и трепет за англиските дефанзивци во натпреварот кој утре го играат Англија и Хрватска во вториот полуфинален натпревар на Мундијалот во Русија.
Напаѓачот на Јувентус, меѓутоа очигледно покажува афинитети и кон чувањето на голот. На еден од последните тренинзи на неговата селекција тој одлучи да влезе во улогата на голман. На социјалните мрежи веќе се појави краток клип и фотографии кои покажуваат како Манџукиќ добро се снаоѓа и во улогата на неговиот репрезентативен колега Даниел Субашиќ.
Хрватска се пласираше во полуфиналето на Светското првенство по два последователни успеси со изведби на пенали. Тимот предводен од селекторот Златко Далиќ досега ги елиминираше Данска и домаќинот Русија, а голманот Даниел Субашиќ е еден од најголемите херои на хрватскиот тим.Сепак Манџукиќ покажа дека доколку има потреба може да помогне и на голот на својата селекција.