Крилниот напаѓач на Манчестер Сити, Ријад Марез смета дека сега е вистинско време „граѓаните“ конечно да го реализираат својот голем сон за освојување на титулата во Лигата на шампионите.
Екипата на Пеп Гвардиола го совлада Реал Мадрид со 2:1 на гостувањето на „Сантијаго Бернабеу“ пред да запре сезоната поради пандемијата. Според Алжирецот, Манчестер Сити има сè што треба за да дојде до самиот крај.
„Мислам дека е добро време да ја освоиме Лигата на шампионите. Имаме тим, имаме менаџер, имаме сè што ни треба. Не знам дали сме најдобри, но ние сме доволно добри за да го освоиме трофејот. Лигата на шампионите е многу тешко натпреварување. Сите сакаат да победат. Тоа ќе биде голема битка“, рече Марез.

