Тренерот на Салцбург Марко Розе призна дека бил многу лут на руските судии по елиминацијата во полуфиналето во Лига Европа. Австрискиот тим победи со 2:1 по продолженија во реваншот против Олимпик Марсеј, но беше елиминиран поради поразот со 0:2 во првиот натпревар.
Дуелот одеше кон пенали, но пет минути пред крајот на дополнителното време главниот судија Сергеј Карасев неправилно досуди корнер за Марсеј, по што Французите постигнаа гол кој ги однесе во финалето.
„Првично бев исклучително лут и тоа е нормална човечка реакција на една неправда. Потоа дознав од судскиот контролор дека судиите се многу вознемирени, бидејќи сфатиле дека направиле грешка. Уште повеќе, тие признаа за оваа своја грешка. Штом тие го направиле тоа, јас сум подготвен да им простам, бидејќи секој може да згреши”, коментирал Розе.
„Испаднавме, но мислам дека во светот има и поголеми трагедии. Нормално е да сме разочарани. Јас лично сум многу тажен за момчињата, бидејќи тие се бореа и заслужија нешто повеќе. Сепак знаеме дека бевме добри и се гордеам со нашиот настап. Се надевам овогодинешните успеси во Лига Европа ќе им помогнат на играчите да продолжат да се развиваат и подобруваат. Тимот покажа голем карактер. Сметам дека го претставивме одлично австрискиот фудбал на европската сцена и немаше да биде неправедно ако бевме и во финалето ” изјави Марко Розе.