Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го доби новиот претседател во името на Масар Омерагиќ. На вонредното Изборно генерално собрание одржано денес во хотелот „Хилтон“ без противкандидат функцијата нов прв човек на фудбалот ја доби Омерагиќ со акламација.
Тој го наследува Муамед Сејдини кој ја водеше федерацијата од 2017 година. На Изборното собрание Сејдини му го предаде мандатот на Омерагиќ, кој беше изгласан едногласно од страна на присутните 62 делегати.
„Јас сум еден од вас, човек од фудбалот, знам во која насока треба да го развиваме фудбалот во Македонија. Ова е тимска работа исто како и фудбалот. Треба многу трчање, многу пот за да се постигнат целите.
Сите оние добронамерни, кои сакаат да учествуваат во работата на ФФМ, вратите им се широко отворени. Ние сме свесни дека мора да работиме уште понапорно за да имаме подобри резултати. Историските резултати како што е пласманот на ЕП или победата над Италија, ние мора да ги докажеме во наредниот период со континуитет на квалитетни игри и сите оние кои се способни да играат за нашата репрезентација, да играат за неа. Сите мора да ги остават суетите на страна, затоа што се работи за Македонија и секој кој може“, изјави Омерагиќ.
Масар Омерагиќ ќе почне со работа веднаш, тој најави дека со свој тим и нови луѓе во структурите на фудбалската федерација ќе се обиде да го инапреди фудбалот во Македонија.
Седмиот претседател на ФФМ доби кандидатура откако беше предложен од страна на ОФС Свети Николе. Инаку, се работи за човек кој е дел од фудбалот долги години. По играчката кариера беше и во менаџерските води, а работеше и како дел од федерацијата под водство на Харалампие Хаџи-Ристески.
Во 2012 година подготвуваше кандидатура и беше опција за претседателското столче, но тогаш на него седна Илчо Ѓорѓиоски.
Редовното собрание на ФФМ треба да се одржи на 26 април, а дотогаш треба да се одредат делегатите од сите општински сојузи за новиот формат на федерацијата да започне со официјална работа.

