Новиот менаџер на Челзи, Маурисио Покетино се согласи да го пушти капитенот Цезар Аспиликуета да го напушти клубот ова лето. Интерес за 33-годишниот дефанзивец има од Интер и тој сака да се пресели во италијанскиот гигант, а лондончани како да не го спречуваат, пренесува „The Sun“.
Аспиликуета има договор со Челзи на уште една година. Сепак, тој се надева дека раководството ќе се согласи на меѓусебен договор и ќе замине како слободен агент. Истата желба ја има и Интер.
Шпанецот минатото лето беше на прагот на трансфер во Барселона, но тогаш новите газди го убедија да остане и да потпише нов двегодишен договор. По разочарувачката сезона, сепак, играчот е подготвен за промена, а се чини дека и клубот сака да го освежи составот, па најверојатно двете страни ќе се договорат. Аспиликуета ги помина последните 11 години на „Стемфорд Бриџ“ откако беше ангажиран од Олимпик Марсеј во 2012 година.
Тој стана еден од најважните играчи за клубот, со 508 настапи, 17 гола и 56 асистенции. Со „сините“ има 2 титули во Англија, 1 ФА Куп, 1 Лига куп, двапати ја освои Лигата на Европа и еднаш Лигата на шампионите. Покрај тоа, тој исто така еднаш го крена Суперкупот на Европа и еднаш титулата на Светското клупско првенство.