Сагата околу ѕвездата на Пари Сен Жермен, Килијан Мбапе изгледа ќе продолжи со полна сила до крајот на летото. 24-годишниот напаѓач го шокираше клупското раководство со тоа што одби повторно да потпише нов договор и тие му се заканија дека ќе го продадат. Одговорот на играчот беше дека сака да ги добие сите суми од договорот доколку биде продаден, што не можеше да се случи. Значи ситуацијата е во ќорсокак.
Мбапе вчера продолжи со тренинзите со тимот, но неговата иднина допрва ќе се решава. Се очекува тој да има разговор лице в лице со претседателот на клубот Насер Ал-Хелаифи во текот на денешниот ден во уште еден обид да се постигне разбирање меѓу нив што им одговара на сите инволвирани страни, објави „Скај Спортс“.
Ова ќе биде прв разговор меѓу нив по веста за одлуката на Мбапе да не потпише повторно. Досега двете страни разменија писма и обраќања преку медиумите. Сепак, сега тие ќе седнат лице в лице, што може да ја промени ситуацијата.
Останува да се види каков ќе биде исходот од овој разговор, но тие треба да најдат решение бидејќи ситуацијата во моментов е лоша за двете страни. Тешко дека ќе биде добро за Мбапе ако Ал-Хелаифи ја следи неговата закана дека ќе го седне на клупата цела сезона доколку не потпише повторно и одбие трансфер. Сепак, нема да биде од голема корист ниту за ПСЖ, бидејќи следното лето играчот ќе си замине како слободен играч.