Напаѓачот на ПСЖ Килијан Мбапе има повреда на десната нога и ќе го пропушти претстојниот натпревар со Ленс во Лига 1 во сабота (1 мај), објави ПСЖ на својата официјална веб-страница.
ПСЖ секако се надева дека 22-годишниот напаѓач ќе биде во можност да биде во составот на својата екипа за реванш полуфиналето во Лигата на шампионите со Манчестер Сити на 4 мај. „Граѓаните“ победија во Париз со 2:1 и се во многу подобра позиција од својот ривал. На средбата со Ленс ќе го нема ниту левиот бек Хуан Бернат. Бернат, продолжува со опоравување од повредата и се уште не е подготвен да се врати на терените.
ПСЖ е во деликатна ситуација, бидејќи ќе сака да се фокусира на реваншот со Манчестер Сити, но од друга страна не може да си дозволи да изгуби повеќе бодови во францускиот шампионат. ПСЖ во моментов е втор во Лига 1, со еден бод помалку од лидерот Лил и само еден бод пред третопласираниот Монако. Остануваат уште 4 кола до крајот на шампионатот.

