Натпреварот помеѓу Англија и Исланд во Лигата на нации можеби нема да се одигра, информираше „Би-Би-Си“.
Причината за ова се ограничувањата наметнати од британската влада за влез на странци кои патуваат од Данска. Исланд игра со Данска во Копенхаген три дена пред натпреварот со Англија, што треба да се одржи на „Вембли“ на 18 ноември.
Причината за ограничувањето е што во скандинавската земја е пронајден нов мутиран вид на коронавирус, кој се пренесува од мали цицачи на луѓе. Според властите на Велика Британија, нема да бидат дозволени исклучоци за оние што влегуваат од Данска, доколку не се британски државјани. Сето ова значи дека постои голема веројатност натпреварот да биде одложен, но не е јасно дали ќе се најде датум во календарот за неговото одржување во некое друго време.
Проблемот има и друга страна – сите дански sвезди од клубовите од Премиерлигата, кои се дел од изборот на оваа селекција, исто така, ќе мора да поминат двонеделен карантин во оваа фаза.

