Мексиканската фудбалска федерација може да го казни Диего Армандо Марадона, откако Аргентинецот ја посвети победата на својот тим на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Марадона, кој е тренер на мексиканскиот второлигаш Дорадос де Синалоа, по победата со 3:2 над Тампико во саботата рече дека овој успех е за „Николас Мадуро и сите во Венецуела кои страдаат” и ги обвини САД, дека се обидуваат да интервенираат во внатрешните работи на јужноамериканската држава.
Од Мексиканската фудбалска федерација објавија дека веќе почнале истрага за случајот дали Марадона ги прекршил етичките правила кои бараат менаџерите односно тренерите да бидат политички неутрални.
58-годишниот Марадона е близок пријател на Венецуела уште од времето на владеењето на поранешниот претседател Хуго Чавез, кој беше на власт меѓу 1999 и 2013 година. Во моментов Венецуела доживува целосен економски колапс и хуманитарна криза, а опозицијата во земјата започна бунт против Мадуро.