Со солзи во очите и громогласен аплауз на соиграчите, семејството и управата на клубот, Лионел Меси денеска се прости од каталонскиот великан, Барселона.
„Се надевам дека ќе се вратам еден ден и повторно ќе бидам дел од овој клуб“, рече Меси на прошталната конференција пред да следат прашања од новинарите преку видео повик.
„Го напуштам клубот. Ги видов навивачите по година и пол затоа што не беа таму за време на пандемијата. Убаво е повторно да ги видиш навивачите, но не е убаво што не можам правилно да се збогувам со нив. Не сакав да останам минатата година, тоа го кажав. Оваа година сакав, но не можам. Искрен сум. Целосно го менувам животот, изненаден сум. Ќе биде тешко за секого, особено за моето семејство“, вели Меси, кој отворено призна за контактот кој во моментов го има со ПСЖ.