АБА2 лигата со соопштение потврди дека МЗТ Скопје ќе мора да плати 15.000 евра и да одигра еден натпревар пред празни трибини откако Комисијата за Апелација ја отфрли жалбата на македонскиот првак.
Иако популарните „штркови“ бараа казната да им биде намалена бидејќи прекинот на мечот со Сутјеска не влијаел врз безбедноста на актерите, на официјалната веб-страница на регионалното натпреварување денеска е објавено дека Комисијата за Апелација само ја потврди претходната одлука.
Ќе потсетиме дека на мечот одигран во СЦ Јане Јандански на 15 јануари се случи инцидент откако судиите ја испразнија салата бидејќи беа мета на навивачите кои ги навредуваа и фрлаа предмети на теренот.